Политика

Филипче: Против СДСМ и раководството се води хајка со токсични наслови од медиуми

22.01.2026 17:46

Медиумите се виновни, за лидерот на опозицијата Венко Филипче. Тој денеска излезе со обвинувања за како што вели илјада токсични наслови кои биле докази за организиран линч врз него и партијата. Додека челникот на социјалдемократите води битка со новинарите, внатрепартискиот раскол се продлабочува...

Против СДСМ и раководството се води хајка со токсични наслови од медиуми, координирани од ВМРО-ДПМНЕ – тврди првиот социјалдемократ Венко Филипче. Додека ние се бориме против криминалот и корупцијата, власта преку токсични наслови и, како што рече, петоколонаши во неговата партија прави дефокус од вистинските проблеми. За сопартијците кој го критикуваат вели, или се уценети или купени од власта.

Јован Деспотовски, еден од критичарите на работата на раководството во СДСМ, по критиките кон него побара партијата да му се извини, во спротивно најавува тужба.

Претходно и Петре Шилегов, јавно побара оставка од актуелното партиско раководство, оценувајќи дека резултатите од неговото работење се, како што рече, катастрофални и ја довеле партијата во длабока криза.

Жална е епизодата кога лидер на некогаш големата СДСМ, ќе го гледате како се жали како тетка на чешма, за тешката судбина во која тој и менторот од Дубаи, Зоран Заев, сами се доведоа. Проблемот на СДСМ не е во медиумите и новинарите, туку во криминалот и нечесните политики на Филипче – реагира ВМРО-ДПМНЕ

Миле А. Ристески