Во земјава родовата еднаквост има напредок, но и предрасуди и ограничувања
Некогаш кошаркарка, денеска судијка со значка на ФИБА, Ема Никочевиќ, е една од седумте жени кај нас во оваа професија. Не суди само натпревар, туку и предрасуди кои со години го ограничуваат местото на жените во спортот. И во законодавниот дом жените се борат за унапредување на рамноправноста...

Некогаш кошаркарка, денеска судијка со значка на ФИБА, Ема Никочевиќ, е една од седумте жени кај нас во оваа професија. По тешката операција на глава, за два месеци повторно застана на теренот. Ја дели правдата во машката Суперлига. Не суди само натпревар, туку и предрасуди кои со години го ограничуваат местото на жените во спортот.
„На почетокот се чувствував дискриминирана и тоа е нормално. Ние жените треба повеќе да учиме и да се докажуваме повеќе затоа што кај жените не може да има грешка бидејќи веднаш ќе се фатат за таа грешка. Мажите иако имаат грешки, ги продаваат одлуките. Со повеќе знаење не дозволуваме ние жените да не газат, дали тренерите, дали публиката или играчите“, вели Ема Никочевиќ – кошаркарска судијка.
И во законодавниот дом жените се борат за унапредување на рамноправноста. Но, колку и да имаат поддршка од партиите, се соочуваат со стереотипно размислување во општеството.
„Дека жената треба да биде домаќинка, мајка и да седи дома и дека повеќе би гласале за мажи политичари отколку за жени. Од друга страна жените одлучуваат да бидат повеќе со семејството, бидејќи политиката не само што се смета за машка професија, јас многу пати ја нарекувам гладијаторска битка каде нема перцепција дали си маж или жена бескрупулозни се битките и не секој се нафаќа да ја бие таа битка. Кога би ги тргнале тие стереотипи нема ни да ни требаат закони за да постигнеме рамноправност во општеството“, истакна Жаклина Пешевска – претседателка на Комисијата за еднакви можности.
Рамноправноста не е само цел – таа е шанса за мажите и жените да чекорат заедно, без ограничувања и стереотипи.
Андријана Ѓурческа
