Собрание

Амандманска расправа за измените на Кривичниот законик во матичната комисија

23.01.2026 08:47

Со измените се предвидува заострување на казнената политика за злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување, воведување ново кривично дело за злоупотреба на сексуално експлицитни снимки без согласност, како и проширување на примената на конфискација.

Во Собранието денеска се одржува амандманска расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците за Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во второ читање. Предлогот, поднесен од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, опфаќа вкупно 13 амандмани од повеќе политички партии.

Со измените се предвидува заострување на казнената политика за злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување, воведување ново кривично дело за злоупотреба на сексуално експлицитни снимки без согласност, како и проширување на примената на конфискација.

Предлог-законот вклучува и усогласување со Истанбулската конвенција, при што телесната повреда сторена во случаи на семејно и родово базирано насилство ќе се гони по службена должност. Целта, како што се наведува, е надминување на слабостите од измените од 2023 година и усогласување со европските стандарди во борбата против корупцијата и криминалот.