„Грешници“ со рекордни 16 номинации за Оскар
Академијата за филмски уметности и науки ги соопшти номинациите за 98. доделување на „Оскарите“, кое ќе се одржи на 15 март во Лос Анџелес...
Академијата за филмски уметности и науки официјално ги објави номинациите за 98. доделување на филмските награди „Оскар“. Свечената церемонија ќе се одржи на 15 март 2026 година во „Долби“ театарот во Лос Анџелес, а домаќин на вечерта ќе биде американскиот комичар и ТВ-водител Конан О’Брајан, кој првпат ќе ја води оваа манифестација.
Најголемо внимание привлече филмот „Грешници“, кој влезе во историјата со дури 16 номинации, поставувајќи нов рекорд и наметнувајќи се како главен фаворит. Годинава, Академијата воведе и нова категорија – Најдобар кастинг, со што се проширува признанието за креативните тимови зад камерите.
Во трката за најдобар филм се најдоа 10 остварувања, меѓу кои „Хамнет“, „Една битка по друга“, „Сентиментална вредност“ и „Грешници“. Во актерските категории номинирани се големи имиња како Тимоти Шаламе, Леонардо Дикаприо, Ема Стоун, Џеси Бакли и Мајкл Б. Џордан.
Номинациите опфаќаат широка палета жанрови – од епски драми и историски приказни, до анимации и меѓународни филмови – најавувајќи возбудлива и неизвесна оскаровска вечер полна со изненадувања.
