Повторен огласот за парцели во индустриската зона „Речица“

10.09.2014 10:14

Повторен огласот за продажба на земјиште во индустриската зона речица. Според проектот општина куманово ќе ги обезбеди сите услови за градба,инвеститорите ќе бидат ослободени од комуналии а рокот за изградба и почеток на работата е 3 години...

Општината Куманово го повотори огласот за јавна лицитација на земјиште во индустриската зона Речица, откако на првиот повик не се јави ниту еден понудувач. На актуелниот конкурс повотрно се лицира за три парцели наменети за изградба на хотел, комерцијален комплес и отварање на фабрики од областа на лесна незагадувачка индустрија.

„Не значи дека и на вториот оглас нема да има заинтересирани, но досега нема пријавено ниту едно лице до Комисијата за јавно надавање. Има уште време, одминаа летните одмори и се надеваме дека сега во септември ќе се активираат бизнисмените“, вели Лидија Ланг- Спасовска од одделнието за урбанизам во Општина Куманово.

Кумановци со различни ставови околу проектот за индустриската зона, но согласни се дека на градот му е потребно инвестираање и свеж капитал.

„Се уште не е изведена инфраструктурата, па можно е тоа да е причината што не се нафаќаат да откупат земјиште... Не знам зошто не е успешен огласот, но сметам дека би требало зоната да профукционира и да се вработат луѓето... Претпоставуваат дека немаат доверба да инвестираат“, велат граѓаните.

Според проектот Општината ќе ги обезбеди сите услови за изградба, инветиротите  ќе бидат ослобени од комуналии и имаат обврска  за три години да почнат да работат и вработуваат.

Куманово како град од 100 илјади жители има дури 30 илјади невработени. Отворањето на индустриските капацитети би требало да ја намали оваа бројка. Куманово е град кој нема хотелски капацитет што според експертите е вносен и исплатив бизнис, има капитал кој би можел да се вложи, но потребна е мотивација и подршка.

„Зоната се наоѓа близу коридорот 10 и граничниот премин Табановце и сметам дека локацијата е поволна за иневестиции. Од таа гледна точка и банкарскиот сектор би требало да се вклучи, односо Македонската банка за подршка и развој. Да не претпоставувам дали ќе биде успешна или не оваа лицитација затоа што 17-ти септември е многу близу, а нема пријавени, доколку има нов конкурс ние би можеле поактивно да се вклучиме со нашите ресурси“, вели универзитетскиот професор Синиша Наумовски.

Своевремено Куманово беше број еден во Македонија по индустриски развој. По толку години транзиција, во градот опстана само чевларската и текстилната индустрија како и мали капацитети за производство на прехрамбени производи.

 

Габриела Димковиќ