ЕУ најави голем инвестициски пакет за Гренланд
Се финализираат деталите на рамковниот договор, Данска гледа можност за нови преговори со САД за зајакнување на безбедноста на Гренланд. Трамп се откажа од царините, но не се откажува од инсталирање на „златна купола“, систем за ракетна одбрана. Европската унија останува будна во врска со островот, најави инвестициски пакет за Гренланд...

Европските челници најавија инвестициски пакет за Гренланд по зголемениот геополитички интерес за регионот. Европската унија призна дека досега недоволно инвестирала во Арктикот и во неговата безбедност. На вонредниот самит во Брисел, лидерите едногласни, состојбата на островот мора се промени.
„Колективно недоволно инвестиравме во Арктикот и безбедноста на Арктикот. Затоа, сега е крајно време да зачекориме и да градиме врз она што веќе го постигнавме пред две години. Веќе предложивме да се удвои финансиската поддршка за Гренланд. И како дел од ова, Комисијата наскоро ќе предложи суштински пакет инвестиции со партнери во регионот како што се Велика Британија, Канада, Норвешка и Исланд и други“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Состанокот следуваше откако американскиот претседател Трамп се откажа од царините и од целосно преземање на Гренланд, најавувајќи договор за решавање на спорот со Данска.
Објавата дека нема да има нови царини на САД за Европа е позитивна. Дополнителните царини би биле некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД. Нашиот фокус сега мора да биде на продолжување на спроведувањето на тој договор. Европската Унија ќе продолжи да се залага за своите интереси и ќе се брани себеси, своите земји-членки и компании од каква било форма на принуда“, истакна Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Трамп вели дека рамковниот договор со Данска за Гренланд, доколку биде склучен, ќе им овозможи на САД да инсталираат „Златна купола“, систем за ракетна одбрана, на Данска територија. Според шефот на НАТО, целта е да се спречи влијанието од Кина и Русија. Двете страни негираат дека имаат интереси за територијата.
„Сите ќе работиме заедно. И всушност НАТО ќе биде вклучен со нас. Ќе го правиме тоа заедно, делови од тоа, заедно со НАТО, што е навистина начинот на кој треба да биде. Нема да имаме трошок освен за изградба на Златната купола. Ќе ја изградиме Златната купола и ќе учествуваме во трошоците за тоа. Знаете, нашата технологија е неверојатна“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во Кралството Данска велат дека се подготвени да соработуваат со САД за безбедноста на Гренланд, но само доколку се почитува данскиот суверенитет. Премиерот на островот побара почитување на црвените линии.
Маријана Димовска
