ЕУ призна дека недоволно инвестирала во Арктикот, лидерите најавија инвестициски пакет за Гренланд
Европската унија призна дека недоволно инвестирала во Арктикот. На вонредниот самит во Брисел, лидерите најавија инвестициски пакет за Гренланд. Данска гледа можност за нови преговори со САД за зајакнување на безбедноста на островот, но бара да се почитува суверенитетот. Трамп се откажа од царините за земјите што се против американско управување со арктичката територија, но не се откажува од инсталирање на „златна купола“ која ќе биде заштита од Русија и Кина …

Европските челници најавија инвестициски пакет за Гренланд по зголемениот геополитички интерес за регионот. Европската унија призна дека досега недоволно инвестирала во Арктикот и во неговата безбедност. На вонредниот самит во Брисел, лидерите едногласни, состојбата на островот мора се промени.
Веќе предложивме да се удвои финансиската поддршка за Гренланд. И како дел од ова, Комисијата наскоро ќе предложи суштински пакет инвестиции со партнери во регионот како што се Велика Британија, Канада, Норвешка и Исланд и други“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Состанокот следуваше откако американскиот претседател Трамп се откажа од царините и од целосно преземање на Гренланд, најавувајќи договор за решавање на спорот со Данска.
„Објавата дека нема да има нови царини на САД за Европа е позитивна. Дополнителните царини би биле некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД. Нашиот фокус сега мора да биде на продолжување на спроведувањето на тој договор. Европската Унија ќе продолжи да се залага за своите интереси и ќе се брани себеси, своите земји-членки и компании од каква било форма на принуда“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Трамп вели дека рамковниот договор, доколку биде склучен, ќе им овозможи на САД да инсталираат „Златна купола“, систем за ракетна одбрана, на Данска територија.
„Сите ќе работиме заедно. И всушност НАТО ќе биде вклучен со нас. Ќе го правиме тоа заедно, делови од тоа, заедно со НАТО, што е навистина начинот на кој треба да биде. Нема да имаме трошок освен за изградба на Златната купола. Ќе ја изградиме Златната купола и ќе учествуваме во трошоците за тоа. Знаете, нашата технологија е неверојатна“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во Кралството Данска велат дека се подготвени да соработуваат со САД за безбедноста, но само доколку се почитува суверенитетот. Премиерот на Гренланд побара почитување на црвените линии.
„Барем засега, американскиот претседател увиде дека наместо овие екстремни идеи дека мора да го поседува Гренланд за да ги контролира сопствените грижи, сега сака да преговара за решение со кралството, но каде што постои и агол на НАТО“, изјави Ларс Леке Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.
Во ек на дипломатските тензии, данската премиерка, во Брисел на средба со генералниот секретар на НАТО.
Маријана Димовска
