Доделени првите сертификати за професионални пожарникари во Битола
По седумесечната обука според програмата за професионално обучување на пожарникари, верифицирана и акредитирана од Министерството за образование и наука, битолскиот Центар за едукација и заштита „Пегаз Еду“ на 14 лица им додели сертификати со кои како професионални пожарникари ќе можат да бараат работа во противпожарните единици или претпријатијата и установите што имаат потреба од ваков кадар...

Четиринаесет нови професионални пожарникари во иднина ќе се борат со огнените стихии. По 750 часа обука поделана во теоретски и практичен дел тие се здобија со диплома со која ке можат да побараат работа во противпожарните единици или институциите што имаат потреба од професионални пожарникари.
Велат љубовта кон оваа професија одамна тлеела, а предизвиците низ кои поминале посебно во практичниот дел биле возбудливи.
„Обуката беше многу добра посебно пректичниот дел, кој носеше многу предизвици. Гасевме во лавиринти, затворен простор и во многу други ситуации каде се учеше како да се користат помагалта и пожарникарските вештини“, вели младиот Васко Василевски.
„Имавме обука од неколку нивоа. Обука со користење на скали. Обука во специфични случаеви како и обука за гаснење на шумски пожар“, вели неговиот колега Константин Христов.
Ако се има предвид дека во средното образование не постои профил пожарникар, законот за образование на возрасни овозможи аплицираната порограма изработена од високостручни лица да биде верифицирана и акредитирана од Министерството за образование и наука.
„Од спроведената обука сме мошне задоволни затоа што од она што го планиравме решиси сто посто го изведовме и кандидатите кој ја посетуваа оваа обука се здобија со големо знеење кое понатаму и те како ќе им биде добра основа“, рече председателот на „Пегаз Еду“, Сашо Атанасовски.
„Целите беа така конципирани да можат наједноставно да се вклучат во работа на функцијата пожарникар. Рационално да ја користат опремата да работат и тимски и носат точни проценки на терен“, рече кординаторот на проектот Благој Трајков.
Реализирањето на овој проект е уште поголемо ако се знае дека близу две децении не е спроведена обука за пожарникари. Од битолскиот Центар за обука велат дека конкурсот за втората група е подготвен, а обуката ќе започне кога бројката на пријавени достигне барем петнесетина кандидати.
Стевче Митревски
