Мицкоски од Давос: Македонија гради гасни интерконектори и инвестира во нови енергетски проекти
Зајакнување на енергетската инфраструктура, стабилно снабдување со електрична енергија и создавање услови за развој на вештачката интелигенција се меѓу клучните приоритети на Македонија, порача премиерот Христијан Мицкоски на панел-дискусија во Давос.
Македонија интензивно работи на зајакнување на преносните капацитети за електрична енергија и гас, со цел да обезбеди сигурно и одржливо снабдување за идните центри за податоци и развојот на вештачката интелигенција, изјави премиерот Христијан Мицкоски на панел-дискусија во Давос.
Тој информираше дека во моментов се гради гасен интерконектор со Грција, а наскоро започнува и изградбата на гасен конектор со Србија, со што значително ќе се зголеми капацитетот за снабдување со гас – до осум милијарди кубни метри годишно. Според Мицкоски, ова ќе овозможи изградба на нови гасни електрани кои ќе обезбедат стабилна електрична енергија за современи технолошки и инвестициски проекти.
Покрај тоа, премиерот најави дека се развиваат три големи проекти за производство на електрична енергија од хидроцентрали, со вкупна вредност од околу две милијарди евра. Овие проекти, како што истакна, се од стратешко значење не само за Македонија, туку и за регионот, бидејќи ќе придонесат за енергетска стабилност, водни резерви и развој на земјоделството, особено во Тиквешкиот регион.
Мицкоски нагласи дека Владата е подготвена да го преземе институционалниот ризик и да им понуди сигурност и поддршка на странските инвеститори, позиционирајќи ја Македонија како атрактивна дестинација за инвестиции во енергетиката и новите технологии.
