Македонија на исто рамниште како европските земји
Наместо карта во еден правец, потребна е поголема истрајност и верба во своите квалитети а со тоа успехот ќе дојде на свое место. Македонија е докажана земја во многу области. А државата преку европски проекти за младите обезбедува различни програми во други земји кои се придобивка за усовршување на знаењето. Оваа приказна е за културата, младите и размената како дел од проектот на регионалната Евровизиска мрежа ЕРНО за придобивките од евроинтеграцијата. Од ноември лани, и Македонската телевизија активно учествува во ЕРНО проектот …

Еден јазик кој соединува, расположува, охрабрува. Една мелодија сплотува различни култури, традиции, а може и да го заобиколи светот за само 10 секунди. Да обедини друштва, семејства.
Картата на светот, гледајќи од Македонија е многу големо место. Но, откако ќе се обележат 53 земји и повеќе од 350 градови, просторот наеднаш се смалува. Овие бројки се патешествието во 25 години кариера на нашиот виртуоз, Симон Трпчевски за чиј успех е важна и поддршката од неговото семејство. И секој пат, вербата во себе, одговорноста и истрајноста се водилка кон ново достигнување.
„Треба само да се потсетиме дека ние во Македонија како центарот на светот како исклучително стара, библиска земја имаме свои квалитети, кои ако сме ги подзаборавиле, да се потсетиме да ги возобновиме да се самоинспирираме од она што е дел од нашата историја и да ги покажеме нивото и потенцијалот што ги имаме, и како талент и како традиција и како историја, нешто што како нишка на карактер на менталитет и на култура, и апсолутно можеме да го покажеме на исто рамниште кон сите овие земји кон коишто се однесуваме со почит“, изјави Симон Трпчевски-меѓународно истакнат македонски пијанист.
Неговата највозрасна ќерка Лара, следи, учи и ја впива енергијата од својот татко. Пеењето е нејзината пасија. А искуството го стекна уште од мали нозе преку учество на Детската Евровизија. Тоа не и донесе само нови пријатели низ светот туку и знаење преку кое се отвораат поинакви видици за иднината.
„За мене Детската Евровизија е едно од најзабавните искуства. Начин каде се сплотуваат различни генерации и сум во контакт со некои од преостанатите учесници, и тоа е искуство кое не спојува на поинаков начин, преку музиката и преку сплотеноста на таа сцена и останува во човекот засекогаш“, изјави Лара Трпчевска-учесник на Детска Евровизија.
Каја Гркова живеела и растела во Берлин, и таму поминала дел од својата едукација. По завршувањето на средното, одлучила дека образованието наместо во Германија, сака да го продолжи во Македонија. Природно-математичкиот факултет е нејзиниот избор.
„Програмата ме подготвуваше на самиот универзитетски стрес, фактот што имав доста практична настава ми помогна. Би сакала да останам тука, да придонесам за мојата држава. Имам бесплатно образование. Но ќе зависи од тоа што ќе ме привлече за мастер студи и, како и за работа, колку ќе има работни позиции“, вели Каја Гркова-студент на ПМФ.
Младите можат да го усовршат знаењето преку програми, обуки и размена во други земји. Ова се бенефитите кои ги има Македонија како земја кандидат за Европската унија. Еразмус+ е меѓу најискористените, а за неа се одвоени 7 милиони евра европски пари, од кои 2 милиона се за високото образование. За една година во оваа програма биле вклучени речиси 75 илјади деца.
„Мојата најголемата мотивација беше токму желбата да стекнам поголемо искуство во однос на медицината но и да стекнам практично искуство во рамки на друга средина. Ми остави впечаток професионалниот, но воедно и пријателскиот однос на докторите коишто не водеа низ практиката“, изјави Рената Најденковска студент, поминат последен семестар на Универзитетската клиника во Сплит.
„Адаптацијата каде што се зборува на друг јазик не е секогаш лесна, комуникацијата не оди секогаш наједноставно, но сепак тоа вреди да се пројде затоа што искуството е огромно и спомените со коишто се стекнав се навистина незаборавни“, изјави Ана Станчевска – студент поминат еден семестар на универзитетот Павиа во Италија.
„Не е исто да си дома и да учиш, и да си дома и да си студент. И да живееш надвор и сето она коешто ги има потребите од живеењето надвор да можеш да ги сервисираш. Така што убаво е да се види, убаво е да се искуси, убаво е да се вмрежи и она што е најважно да се искористи искуството во државата“, вели доц. д-р Викторија Трајков-заменик министер за европски прашања.
„Државата добива подобро поинклузивно образование. Добива можност да го пренесе европското образование во нашата држава, можност да видиме студенти со поширок дијапазон или поглед кон Европа“. Она што го поседуваме како инфо, нашите студенти поседуваат квалитети и знаења како и останатите студенти во Европската унија, дури имаме и на одредени места каде што се поконкурентни во однос на знаењето“, додава Ана Михајлова-директор на Национална агенција.
„Младите треба да имаат предвид дека може на природен начин само со посветеност и работа да успеат во светот дури да е тоа од некоја мала и посветена земја како Македонија“, вели Симон Трпчевски-меѓународно истакнат македонски пијанист.
„Сите ние се бориме да оваа Македонија стане подобро место за живеење, и сметам дека секој еден од нас е важен, а особено таа генерација околу 18 до 25 години“, додава доц. д-р Викторија Трајков-заменик министер за европски прашања.
Марина Доковска
