Реформи и нови кадри во правосудството
Случајот со апелацискиот судија кај кого се пронајдени заѕидани 350.000 евра не е само скандал, туку и симбол на длабока системска слабост, вели министерот за правда. Предмети за висока корупција со години немаат разрешница, доведен е во прашање интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и на обвинителството. Филков најавува мерки за слабостите …

Предмети за висока корупција со години не добиваат разрешница, а очигледни сомнежи, завршуваат без институционален одговор. Министерот за правда Игор Филков вели дека правосудството подолго време не ги исполнува оправданите очекувања на граѓаните.
Случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов, во чиј дом беа пронајдени заѕидани 350.000 евра, не е само скандал, туку длабока системска слабост и резултат на култура на неказнивост и меѓусебна заштита, вели ресорниот министер.
Проблемите се системски, а правосудството со години функционира со кадровски, организациски и функционални слабости, вели Филков. Додава дека по утврдениот недостаток на кадри, судии, обвинители и службеници, министерството веќе презема конкретни чекори, а подготвен е и новиот Закон за судии и јавни обвинители.
Министерството за правда продолжува со реформите, согласно реформската агенда и европските стандарди, насочени кон јакнење на интегритетот, отчетноста и ефикасноста на правосудниот систем, вели Филков, кој не се согласува со барањето на судиите и обвинителите за зголемување на нивните плати.
Марија Котовска
