122 нови случаи со рак на грло на матка за една година, најмладата пациентка има 18 години
Бројот на новооткриени случаи на рак на грло на матка е во пораст, а загрижува фактот што дури 80 проценти од пациентките на лекар се јавуваат во напредна фаза на болеста. Експертите апелираат на воведување на ХПВ тестот како поефикасен метод за рано откривање на болеста …

Во подем бројот на новооткриени жени со рак на грло на матка – 122 за една година, најмладата има 18 години. Дури 80 проценти на преглед дошле кога болеста била во напредната.
„Односно во еден значајно екстензивен процес на болеста, кога најмногу труд, најдолг и најекстензивен е третманот и се трошат најмногу финансиски средства“, вели проф. д-р Виолета Клисаровска – раководител на Одделение за малигни генитални тумори кај жената.
Лекарите бараат промена во скринингот, да се применува ХПВ-тестот, кој е поефикасен метод во откривањето на карциномот. Светската здравствена организација апелира од 2030 година, сите земји да го користат.
„ХПВ тестот како примарно средство за скенирање на ракот на грлото на матката бидејќи е поточно, посензитивно и повеќе штеди пари“, вели д-р Горан Димитров – Македонско здружение за цервикален карцином.
„Наместо сега да гледаме 60 илјади ПАП теста, ќе гледаме околу 5 до 6 илјади. И ќе даваме идеја како понатаму да постапуваат гинеколозите, дали треба да се направи биопсија, киретажа и понатамошен третман“, додава д-р Верди Станојевич – специјалист патолог.
Имунизацијата спречува појава на карцином. Достапна е деветвалентна ХПВ-вакцина, а опфатот во земјава е 60 проценти.
„Родителите најчесто немаат против оваа вакцина, но ја одложуваа временски. Сега на товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19 годишна возраст“, изјави проф. д-р Александра Грозданова – претседател на Националната комисија за имунизација.
Недостига сексуално образование во училиштата, каде што информациите за преносливи болести наместо од социјалните мрежи, децата ќе можат да ги добиваат од соодветни едукатори.
Андријана Ѓурческа
