Волфганг Петрич: Грција одговорна за нерешавање на проблемот со името
Според австрискиот дипломат, проблемот е во злоупотреба на историјата, во политиката на идентитетот која е толку емотивна што нема никаква врска со реалноста...

Јасно е дека Атина ја сноси главната одговорност за нерешавање на проблемот со името, тоа и таму јасно би го рекол, изјави австрискиот дипломат и преговарач Волфганг Петрич во интервју за „Ал Џезира Балкан“.
Поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина и преговарач за Косово, сегашен претседател на австриската фондација „Маршалов план“, за „Ал Џезеира Балкан“ зборува за ситуацијата во Босна и Херцеговина, односите меѓу Србија и Косово, но и за проблемот со името на Македонија.
На новинарско прашање што мисли за тоа што Европската унија не беше во состојба да го реши овој спор, со оглед на тоа што Македонија има статус на кандидат девет години, Петрич вели дека е песимист во поглед на таа ситуација.
„Очигледно, колку е помал вистинскиот проблем, толку предизвикот е поголем. Зарем не може да се седне и да се договори за името на земјата, како тие се нарекуваат себеси и зошто соседната земја го оспорува тоа име? Погледнете ја ситуацијата. Грција е во Европската унија, Грција е во НАТО. Кој во Грција може да се плаши од Македонија, земја со два милиони жители?“, изјави Петрич.
Според него, „проблемот е во злоупотреба на историјата, во политиката на идентитетот која е толку емотивна што нема никаква врска со реалноста“.
А тоа значително повеќе влијае на политиката, отколку на економската ситуација. Парадоксално, Грција е најголем инвеститор во Македонија, а на тоа едноставнониво на изнаоѓање компромис за името, нема никаков напредок, вели австрискиот дипломат.
Тој нагласува дека е јасно оти Атина ја сноси главната одговорност и додава дека тоа и таму јасно би го рекол.
„Се разбира, постои и одговорност на Европската унија. Постои една членка која намерно го ослабува севкупното безбедносно опкружување во овој регион“, истакнува Петрич.
