Социјална политика

Стареењето на населението ја зголемува потребата од домови за стари лица

24.01.2026 14:11

Стареењето на населението ја зголемува потребата од домови за стари лица. Капацитетите се ограничени, листите на чекање се долги, а интересот за државните домови постојано расте. Надлежните најавуваат нови објекти и проширување на постоечките капацитети...

86-годишната Вера Цветановска повеќе од 20 години престојува во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ по нејзин избор, бидејќи како што вели, еснафот и е тука. Како и останатите овде и таа е жена со кариера зад себе. Таа е првата жена во Македонија, која имала положено за категорија Ц и возела камион низ цела поранешна Југославија, но пред сè била сопруга, мајка е на три деца и баба.

Инвестирањето во психосоцијални активности, здравствените услуги и индивидуалниот пристап во домот „Мајка Тереза“ придонесува староста да не се доживува како изолација, туку како период со достоинство и грижа.

Капацитетите на домовите за стари лица во земјава се ограничени, а листите на чекање се долги. Се повеќе семејства не се во можност да се грижат за возрасните членови, поради здравствени, економски или работни обврски, што ја зголемува потребата од институционална грижа. Со стареењето на населението се наметнува потребата од изградба на нови домови. Ова прашање е уште посериозно кога станува збор за руралните средини каде социјалната исклученост царува и старите лица кои се оставени сами на себе повикуваат на помош-вели претседателката на Сојузот на пензионери Станка Трајкова.

Минатата година е зголемен сместувачкиот капацитет на старечкиот дом „Д-р Иван Влашки“ во Берово за 28 корисници. Надлежните велат дека со некои општини како Пробиштип, Кавадарци, Кратово веќе се склучени договори за зголемување на сместувачкиот капацитет, а со Општина Крива Паланка во тек е постапката за комплетирање на документацијата. Цената за престој во јавните установи е околу 400-тини евра, а во приватните старечки домови над 700 евра. Интересот е поголем за сместување во државните домови за стари лица како поекономична опција, па затоа и листата на чекање е подолга.

 

Александра Велинова