Украина

Масовен руски напад врз Украина во момент на мировни преговори во Абу Даби

24.01.2026 13:02

Масовен руски напад врз Украина во момент на мировни преговори во Абу Даби. Додека делегациите на Киев, Москва и Вашингтон продолжуваат со напорите за ставање крај на конфликтот, Зеленски предупредува зошто е неопходно договорите за противвоздушната одбрана постигнати со Трамп да се спроведат брзо. Иако трилатералните разговори се водат зад затворени врати, по завршената прва рунда, Белата куќа оцени дека тие биле продуктивни. Кремљ не открива детали, додека Киев потврди дека фокусот е ставен на параметри за завршување на војната. ОН ги поздравуваат мировните напори и потсетуваат на почитување на територијалниот интегритет на Украина...

Русија изврши нови масовни напади со дронови и ракети низ Украина-само неколку часа по почетокот на првите директни трилатерални средби меѓу Киев, Москва и Вашингтон во Абу Даби. Нападите повторно насочени кон енергетската инфраструктура. Погодени Киев, Харков и Суми. Има жртви и повредени.

„Прелиминарните извештаи покажуваат дека 25 шахеди го погодија Харков. Погодени се станбени згради и приватни куќи, оштетени се болница и породилиште“, изјави Игор Терехов, градоначалник на Харков.

Украинскиот министер за надворешни работи го обвини рускиот претседател Путин дека „цинично“ наредил масовен ракетен напад додека делегациите се на преговарачка маса.

„Неговите ракети не го погодија само нашиот народ, туку и преговарачката маса. Беа употребени десетици балистички ракети и стотици дронови. Целите исти-енергетски објекти и станбени области. Овој варварски напад уште еднаш докажува дека местото на Путин не е во одборот за мир, туку на обвинителната клупа на специјалниот трибунал“ - напиша министерот за надворешни работи Сибиха на социјалните мрежи.

Зеленски изјави дека новите напади покажуваат дека договорите за противвоздушната одбрана постигнати со Трамп мора да се спроведат, додека мировните преговори со Русија преку посредство на САД продолжуваат во Абу Даби. Тој потврди дека фокусот е ставен на параметри за завршување на војната, но е прерано за заклучоци.

„Сè уште е рано да се извлекуваат заклучоци за содржината – ќе видиме како ќе се одвиваат разговорите и какви ќе бидат резултатите. Потребно е не само Украина да сака да ја заврши оваа војна и да постигне целосна безбедност, туку слична желба да се појави и во Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кремљ не открива детали од разговорите, но повтори дека за Русија клучно е решавањето на статусот на источна Украина и Донбас. ОН ги поздравија мировните напори, истакнувајќи дека решавањето на конфликтот мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина според Повелбата на ОН.

„Секако ги охрабруваме напорите за зближување на Руската Федерација и Украина во обид да се реши вооружениот конфликт меѓу нив. Но, како што знаете, поддржуваме решение во согласност со Повелбата на ОН“, изјави Фархан Хак, портпарол на ОН.

За Украина, преговорите се клучни и за безбедносните гаранции кои треба да ја заштитат од идни руски напади по мировен договор, со посебна улога за САД. НАТО веќе најави зголемување на оружјето и муницијата на своето источно крило за одбрана од руската агресија.

Бојана Крстевски