Образование

Меѓународен ден на образованието

24.01.2026 13:25

Потребни се итни реформи во образованието, услогласени со европските образовни системи – велат од СОНК. Има недостиг на соодветен кадар поради промена на наставни предмети. Од Министерството за образование велат го стабилизиравме образованието, ги донесовме сите неопходни закони. Денеска е Меѓународен ден на образованието …

Потребни се итни реформи во образованието, услогласени со европските системи. Тоа го покажуваат и меѓународните тестирања на учениците. Идните наставници да имаат повеќе пракса и поголема поддршка во справување со предизвиците во инклузивната настава, бара СОНК.

„Времињата се менуваат, жива материја е. Се работи со дечиња, особено сега во период на инклузија на ученици со посебни образовани потреби во редовната настава многу е оптеретен наставникот. Има реални проблеми за реализација на наставата и во овој дел треба државата многу повеќе да вложи средства и интерес, да вработи соодветен кадар, пред сè дефектолози“, изјави Јаким Неделковски – претседател на СОНК.

И од независниот синдикат за образование алармираат дека реформите мора да се темелат на истражувања, а не на ад-хок решенија. Според нив честата промена на наставните предмети доведува до недостиг на стручен кадар.

„Имаме наставен кадар кој со години работел по одреден наставен предмет и тие наставни предмети се менуваат, па се спојуваат, па се менуваат имиња, програми и тоа е сериозен проблем. Не сме спремни за такви работи бидејќи немаме соодветен кадар по одредени наставни предмети, а за други наставни предмети имаме кадар кој со години работел, а му е загрозено работното место“, изјави Томислав Гиевски – претседател на Независниот синдикат за образованието.

Министерката Јаневска вели дека во изминатата година е стабилизиран образовниот систем и донесени се клучни закони. Деновиве се очекува и нова стратегија со фокус на предучилишното образование, инклузијата и едносменската настава.

„Вложивме многу во доедукација на наставниците, воспоставивме нешто што требало да биде воспоставено, учебници и нови наставни програми, за нашите млади луѓе да стекнат знаења компетенции и вештини компатибилни на оние кои ги имаат децата во европската унија каде ние се стремиме да отидеме“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Од Министерството најавуваат и зголемување на платите за наставниците од основното и средното образование од март за 7,5 проценти.

Андријана Ѓурческа