Расте бројот на дуални паралелки
Учениците но и компаниите заинтересирани за дуалното образованието. Од стартните седум, бројката по пет години достигна над 90 паралелки во Куманово. Забележан и рекорден одзив од бизнис секторот. Целта е создавање кадар кој ќе одговори на реалните потреби на пазарот на труд …

Расте интересот за дуалните паралелки. Од стартните седум пред четири години, бројката во Куманово достигна над 90 паралелки. Но, забележан и рекорден одзив од бизнис секторот. Целта е квалитетна практична настава и создавање кадар, кој ќе одговори на реалните потреби на пазарот на труд. Конечната одлука останува во рацете на Министерството за образование и наука. Но кумановските работодавачи укажаа дека дефицит има за трговски работници, профили од градежниот сектор, технички и инженерски струки.
„Оваа година имаме рекорден број од 83 компании од локално ниво кои го пополнија прашалникот за нивните кадровски потреби. Ние како сектор изработивме детална анализа. Потоа ќе следи дијалог помеѓу училиштата и компаниите за потпишување меморандуми за соработка и нормално дека ние како сектор ќе испратиме барање до МОН кое до крајот на март треба да го објави конкурсот за запишување на ученици во средните училишта“, истакна Александар Јовановиќ, раководител Сектор за образование Општина Куманово.
Директорите на средните стручни училишта задоволни од соработката со компаниите, каде што учениците посетуваат практична настава.
„Имавме една дуална паралелка со германскиот гигант за профилот мехатроника. Од оваа година по интензивно лобирање кај фирмите што се наши потенцијални работодавачи за нашите ученици, успеавме оваа година да излобираме за уште пет дуални паралелки“, посочи директорот на СОУ „Наце Буѓони“, Драган Јаневски.
„Во економско-правната и трговската струка и следната учебна година ќе бараме дуални паралелки, како и во текстилно-кожарската струка. Како и претходната година и оваа година ќе бараме економски техничар дуална паралелка, техничар за е трговија и дигитален маркетинг дуална паралелка и банкарски администратор во македонските паралелки“, истакна Мила Димковска-Жибак, директор СОУ Перо Наков Куманово.
Социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“ посветен на усогласување на образовните профили со потребите на локалната економија се организира петта година по ред и е клучна алка во процесот на креирање на уписната политика.
Елена Георгиевска
