Централен координативен штаб за Охридскиот регион
По години предупредувања од УНЕСКО и слаба примена на препораките на терен, Владата годинава формира Централен кризен координативен штаб за Охридскиот регион. Телото треба да ја следи имплементацијата на стратешкиот план за рехабилитација на природното и културното наследство до 2030 година и да врши притисок врз институциите …

По години предупредувања, забелешки и извештаи што остануваа на хартија, Владата со нов обид да му покаже на УНЕСКО дека нема да дозволи Охридскиот регион да го загуби статусот на заштитено подрачје. Во почетокот на годинава формиран е Централизиран кризен координативен штаб за имплементација на стратешкиот план за рехабилитација на природното и културното наследство за периодот 2023 – 2030.
Телото има десет члена, а координатор е министерот за култура, Зоран Љутков. Зад него стои јасна порака – дека државата сака да покаже повисоко ниво на политичка волја за заштита на Охридскиот регион, кој со децении е под зголемено внимание на УНЕСКО.
Една од главните улоги на ова тело е постојан притисок на институциите да ги завршат препораките.
„Ќе мониторираме како се имплементира тој стратешки план и истовремено ќе вршиме надзор на институциите но и како кризен штаб малку ќе имаме можност и да ги опоменуваме самите институции, односно директорите на институциите, до каде е имплементацијата на тоа решение коешто е понудено во тој стратешки план“, изјави Велика Стојкова-Серафимовска, пратеничка и членка на Координативниот штаб.
Охрид и Охридско езеро се едни од ретките подрачја во светот со двојна заштита на УНЕСКО – и природна и културна. Но, исто толку долго, регионот е и под постојан мониторинг поради урбанизацијата, притисокот од туризмот, слабата контрола и нецелосната примена на препораките.
Во последните години, УНЕСКО испрати повеќе реактивни извештаи со јасни насоки што треба да се промени. Дел од тие препораки никогаш не беа имплементирани.
Стратешкиот план, кој се однесува на период од седум години, содржи конкретни мерки, рокови и надлежности. Дел од физибилити студиите веќе се изработени и се чека нивна потврда од Владата, а динамиката, според учесниците, треба да оди побрзо од досегашната практика.
Во меѓувреме, се подготвува и новиот извештај до УНЕСКО – документ што повторно ќе ја оцени состојбата на терен и напредокот во исполнувањето на препораките.
Охрид со децении е симбол на вредност што ја делиме со светот. Овој пат, институциите велат дека имаат план, механизам и волја. Сепак, вистинскиот тест нема да биде на состаноците – туку на терен, таму каде што природата и наследството чекаат конкретна заштита.
Катерина Топалова
