САД

Тензии во Минеаполис по последното убиство, активирана Националната гарда

25.01.2026 12:38

Тензии во Минеаполис по последното убиство. ФБИ ја презеде истрагата, ги исклучи локалните инспектори. Белата куќа тврди убиството на Прети било во самоодбрана...

Активирана Националната гарда во Минеаполис додека тензиите достигнуваат критична точка по убиството на 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети. Тој беше застрелан од федерален агент за имиграција, што дополнително ги разгоре протестите започнати по убиството на Рене Гуд. ФБИ ја презеде истрагата, исклучувајќи ги локалните инспектори, што градоначалникот Фреј го нарече „криење на фактите“.

„Бараме итна судска забрана за движење на федералните сили. Оваа операција е штетна за градот и резултираше со повеќекратни трагични смртни случаи“, изјави Џејкоб Фреј, градоначалник на Минеаполис.

Инцидентот предизвика директен фронт меѓу демократите и Белата куќа. Гувернерот Тим Волц ја обвини администрацијата на Трамп за намерно предизвикување хаос на улиците.

„Оваа федерална окупација одамна престана да биде прашање на закон. Таа кампања одзеде уште еден живот. Ние сакаме мир, тие сакаат хаос. Ќе се спротивставиме на насилството со насилство. Доналд Трамп, ве повикувам уште еднаш да ги отстраните овие сили од Минесота“, изјави Тим Волц, гувернер на Минесота.

„Нашата порака е јасна: федералната служба мора веднаш да замине. Тие не нè прават побезбедни, туку сеат страв. Ќе ги искористиме сите лостови што ги имаме“, изјави Ејми Клобучар, сенаторка од Минесота.

Од Вашингтон стигна брутален одговор. Претседателот Трамп ги обвини локалните власти за поттикнување бунт, додека Секретарот за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, ја брани легитимноста на агентите.

„Ние само сакаме да ги изнесеме криминалците од земјата. Ако имавме соработка од локалните власти, немаше да бидеме на улиците соочени со насилни бунтовници“, изјави Кристи Ноем, секретар за внатрешна безбедност на САД.

Додека Белата куќа тврди убиството на Прети било во самоодбрана, снимките покажуваат дека тој само снимал со својот телефон пред да биде соборен и застрелан. Локалните власти сè уште немаат пристап до клучните докази кои ФБИ ги заплени.

Бојана Крстевски