Утре блокада на граничните премини во земјава
Утре блокада на граничните премини во земјава. Превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија целосно ќе го блокираат товарниот сообраќај кон Европската унија. Бараат промени на системот за влез и излез во Шенген зоната. Новите правила за електронска евиденција создаваат сериозни проблеми за транспортерите и економијата...

Утре напладне – 370 товарни возила ќе ги блокираат сите гранични премини во државата. Запрен ќе биде товарниот сообраќај кон Европската унија и транзитот низ регионот. Ќе се пропуштаат само камиони со лекови, жива стока, експлозиви и муниција. Причина е новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зоната со што на камионџиите од Западен Балкан им се ограничува престојот. Планот е блокадите да траат седум дена, но подготвени се да ги запрат протестите, доколку ЕУ започне преговори за надминување на проблемот.
„И првиот и вториот ден ако се прати сигнал до надлежните органи на нашата држава дека ќе се направат средби за да се изнајде решение веднаш ќе ја прекинеме блокадата. Не сакаме да нанесуваме штета ни на себе ни на стопанството. Ќе се соочиме сите како регион голем број од превозниците да бараат решение, со префрлање на капиталот со префрлање на капиталот во други држави од ЕУ што би довело до колапс на целото стопанство“, изјави Билјана Муратовска – транспортна асоцијација Макам – транс.
Ако Унијата не најде начин за надминување на проблемот, тоа ќе значи колапс за економијата од Западен Балкан. Неколкукратно ќе се зголемат трошоците за превоз, а со тоа и цената на производите, предупредуваат превозниците.
Од Владата велат во комуникација се со европските претставници со цел изнаоѓање решение и да се укаже за проблемите на транспортерите кои се сериозна закана и за економијата.
„Ова е прашање за кое сме во постојана комуникација со претставници на Европската унија и истото во дипломатските канали е поставено како приоритетно. Со партнерските земји и превозниците се бара преку дијалог да се обезбеди итно решение и непречен проток на стоки“, велат од Влада.
Освен македонските превозници, камионите на граничните премини ќе ги паркираат и транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Нема да има пречки за влез и излез на патничките автобуси и автомобили.
Андријана Ѓурческа
