Свет

САД блокирани од снежното невреме

26.01.2026 11:53

Историска бура ги зафати поголемиот дел од Соединетите Американски Држави. Поларниот вртлог од Арктикот ги зеде првите жртви. Екстремно ниските температури кои наместа се движат и до минус 30 степени го парализираа сообраќајот, училиштата останаа затворени, а засолништата работат со максимално пополнет капацитет. Апел до граѓаните да останат дома и да избегнуваат патувања.

Незапаметена бура ги зафати САД. Изобилните снежни врнежи и ниски температури оставија милион домаќинства без електрична енергија. Вонредна состојба е прогласена во 23 држави од југ до североисток. Температурите наместа се движат од минус 20 до минус 30 степени. Во прекин е патниот и воздушниот сообраќај. Над 17.000 летови беа откажани. Приватен авион со осум лица се урна при полетување во Мејн. Училиштата во поголемите градови останаа под клуч. Засолништата работат со полн капацитет.

„Преполни сме, над капацитетот. Тоа е засолниште со 300 кревети и сме далеку над тој број во последните неколку дена. Имаме луѓе во секој кревет, на подлоги, каде и да можеме да сместиме луѓе внатре за да ги стоплиме. Го подготвуваме нашиот персонал повеќе од една недела откако знаевме дека ова доаѓа, осигурувајќи се дека имаме доволно луѓе кои можат да влезат, доволно луѓе кои можат да добијат превоз до работа“, изјави Меган Милер, извршен директор на Алијансата за бездомници во Оклахома Сити.

„Вчера воопшто немавме сонце, па останав во камионот. Беше премногу ладно. Денес е многу подобро. Можам да го поднесам“, вели еден бездомник.

„Вчера немаше сонце и беше навистина ладно, нозете ми се заледија“, додава друг.

Опасно ниските температури се очекува да траат најмалку до почетокот на февруари. Властите објавија дека станува збор за најстудената зимска бура во последните години. Екстремниот студ веќе ги зеде првите жртви. Апел до граѓаните, да останат дома и да избегнуваат патувања.

„Континуирано да ги одржуваме нашите патишта безбедни и чисти. Стотици градски службеници работат заеднички низ оддели и агенции за да ги одржат нашите засолништа за затоплување отворени, да одговорат на повиците за итни случаи и да се осигурат дека нашите комунални услуги се подготвени“, изјави Шерел Паркер, градоначалничка на Филаделфија.

„Ова е сигурно најстуденото време што сме го виделе. Најстудената зимска бура што сме ја виделе со години и навистина државата Њујорк е заробена. Еден вид арктичка опсада не зафати нас и многу други држави низ целата земја“, изјави Кети Хочул, гувернерка на Њујорк.

Додека температурите под нулата се вообичаени во северните држави како Дакота и Минесота, овој вид студ е невообичаен за Тексас, Луизијана и Тенеси, каде што температурите паднаа за 15 до 20 Целзиусови степени под сезонскиот просек. Експертите објаснуваат дека причината за екстремното време е поларниот вртлог од силен ветер над Арктикот.

Маријана Димовска