Електронските визионери KRAFTWERK за првпат со голем „open air“ концерт во Скопје
25 јули 2026 година е датумот кога главниот град ќе биде домаќин на еден од највлијателните бендови во историјата на музиката. Како дел од својата нова светска турнеја „Multimedia 2026“, легендарните KRAFTWERK доаѓаат во Скопје со голем аудио-визуелен спектакл на Стадионот на АРМ.
Често опишувани како „бенд кој е секогаш пред своето време“, Kraftwerk се сметаат за темел на модерната музика. Нивното влијание врз жанровите како техно-поп, синт-поп, хип-хоп и електро е толку големо, што многумина ги сметаат за најзначајната група по Битлси. Како добитници на Grammy Lifetime Achievement Award и членови на Rock & Roll Hall of Fame, тие доаѓаат во Скопје за да ја демонстрираат својата визија за врската помеѓу човекот и машината.
Концертот доаѓа во време кога вештачката интелигенција ја обликува нашата реалност – тема која Kraftwerk ја обработуваат уште од своите почетоци. Овој „open air“ настан нема да биде само обичен концерт, туку целосно кохерентно уметничко дело каде звукот, визуелниот идентитет и врвната технологија се спојуваат во едно незаборавно искуство.
Продажбата на влезниците започнува во среда (28 јануари) точно во 10 часот наутро. Сите заинтересирани ќе можат да набават билети преку avalonbooking.mk и karti.com.mk.
Со оглед на тоа што ова е прв голем концерт на отворено на Kraftwerk во Скопје, се очекува огромен интерес и брзо распродавање на фан пит зоната.
