Продолжуваат протестите во Минеаполис и други градови во САД против мигрантската политика на Трамп
И покрај студот и засиленото полициско присуство, улиците на Минеаполис и други американски градови повторно се полни со демонстранти. Граѓаните бараат итно повлекување на федералните имиграциски агенти, по убиствата на двајца цивили за помалку од еден месец. Демонстрантите велат дека стравуваат за сопствената безбедност, додека федералните власти тврдат дека станува збор за самоодбрана. Случајот дополнително ја продлабочи политичката криза меѓу Белата куќа и локалните власти во Минесота...

И покрај зимските услови, продолжија протестите во Минеаполис и други градови во САД. Граѓаните бараат претседателот Трамп, да ги отстрани федералните имиграциски агенти од градот по двете убиства на цивили од службата, за помалку од еден месец. Демонстрантите велат дека стравуваат и за својот живот.
„Многу е страшно. Се будите и гледате убиства на улиците од федералната влада. Се чини дека сè е можно, ништо не е исклучено поради изопаченоста на луѓето што го окупираат нашиот град. Го видов видеото од сведок за тоа што се случи и е многу, многу вознемирувачко“, изјави Конор линч, случаен минувач.
„Погледнав надолу и човекот беше на автобуската станица. Изгледаше како да оди на работа затоа што носеше униформа. Го застрелаа во градите и главата. Дојде и полицијата од Минеаполис. Потоа се обидоа да му направат реанимација на човекот, но беше предоцна“, изјави Сандра Босвел, сведок.
Министерството за внатрешна безбедност тврди дека агентот на граничната патрола пукал во самоодбрана, откако човек со пиштол им се спротивставил на обидите да го разоружат. Убиениот маж беше идентификуван како Алекс Прети, 37-годишен медицински техничар кој работел во болницата за ветерани во Минеаполис. По убиството на цивил, Трамп ги обвини демократите дека ги ставаат мигрантите пред американските граѓани. Гувернерот на Минесота и државниот обвинител пак, бараат одговорност за случајот.
„Веруваме во законот и редот во оваа држава и веруваме дека Доналд Трамп треба да ги извлече овие 3.000 необучени агенти од Минесота пред да убијат друго лице. Имам прашање до Американците-на која страна сакате да бидете? На страната на семоќната федерална влада која може да убива, повредува и киднапира свои граѓани од улиците или на страната на медицински техничар кој почина како сведок на таква влада?“, изјави Гувернер Тим Волц, демократ, Минесота.
„Би сакал да ви кажам дека исто како што портланд, Чикаго и Лос Анџелес беа претходници на Минеаполис, Минеаполис е претходник на многу други места. Ако не го запреме ова однесување тука, тоа само ќе се прошири и нема да биде добро за никого во нашата земја“, изјави Кит Елисон, главен обвинител на Минесота.
Во меѓувреме, Американското федерално истражно биро формираше Центар за раководење со ризикот во Минеаполис и побара од вработените во целата држава доброволно да се пријават.
Катерина Бојаџиева
