Камионџиите поставија блокади на граничните премини
Камионџиите од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ги блокираа граничните премини за товарен сообраќај. Незадоволни се од новите правила за престој во Шенген – зоната од 90 дена, наметнати преку системот за влез и излез што ќе важат од 10-ти април. Побараа праведен третман, понудија три решенија. Превозниците добија поддршка и од министерот за транспорт …

Македонските транспортери, заедно со колегите од Србија, БиХ и Црна Гора ги паркираа камионите на граничните премини за влез и излез на товарни возила. Незадоволни се од правилата за престој во „Шенген зоната“ во времетраење од 90 во 180 дена, што ќе важат од април.
Стравуваат од сериозно нарушување на синџирите на снабдување, милионски загуби, но предупредуваат и на директен удар врз индустријата и трговијата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски од „Блаце“ со поддршка за превозниците, предложи три решенија.
Брисел ја следи ситуацијата и порачува дека целта е поголема контрола.
„Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела“, велат од Брисел.
Седумдневните блокади може да бидат прекинати ако во меѓувреме се најде решение.
Патничкиот сообраќај се одвива непречено на сите гранични премини.
Борис Грујоски
