Ново рочиште за случајот „Пулс“, сведоци раскажаа дека во кабарето и претходно се користела пиротехника, а дел од персоналот бил ангажиран на црно
Со траорни искази на сведоци, продолжи судењето за пожарот во кочанската „дискотека на смртта“. Нивната верзија на настаните ја раскажаа роднина на жртва, келнер и луѓе кои кобната ноќ биле гости во локалот и се бореле за здив во огнената стихија што однесе 63 животи. Во „Пулс“ и претходно се користеле запалени факели и прскалки, дел од персоналот работел на црно, влегувале малолетници.

Со сведочење на преживеани од пожарот во дискотека „Пулс“, продолжи судењето за кочанската трагедија. Сведоците посочија на низа недоследности. Раскажаа како претходно, но и кобниот ден во локалот не виделе ПП апарат, а и на други концерти се употребувала разна пиротехника. Двајца од сведоците кои биле пред бината не виделе дека над нив избил пожар, туку за тоа слушнале откако на микрофонот известил еден од пејачите на групата ДНК. Пред судот тврдеа дека во објектот имало голем број малолетници, но не само на 16-ти март туку години наназад. На кобниот ден 10 минути пред пожарот имало полициска акција, но сведоците тврдат дека забавата никогаш не била прекината. Настанал пожарот, а со тоа и стампедо предизвикано од големата паника. Низ чадот и огнот, велат немало кој да ги насочи каде да се движат, имало само една врата за влез и излез.
„Од бендот приметија дека настана пожар и го стопираа настанот во првиот момент се разминав со Михајло кој носеше ПП апарат, некој и на бината гасеше со ПП апарат“.
„Пуштени беа малолетници како и секоја вечер. Се знаеме лично ги знаеме. Забавата никогаш не била прекината од полицијата“.
„Никој не нè упатуваше самите излегувавме. Црн чад се ширеше по плафонот и беше многу жешко. Надвор помагаа лица од обезбедувањето. Кога стигнав до вратата децата лежеа едни врз други пробав да излезам не можев паднав на колена, почнав да повраќам и ја ставив маицата на устата. Јас кога излегов пружив рака кон полициските службеници, ми рекоа само да се тргнам оттука, друга помош не ми пружија“, изјавија преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“.
Пред почетокот на рочиштето судијката ги опомена родителите дека ќе бидат исклучени од расправа и дека нема да се толерираат навреди и инциденти. Адвокатката на првообвинетиот, Коцевска побара да реагираат надлежните зошто нејзиното лице се нашла на транспарент протестниот марш на ангелите. Родителите тврдат дека семејствата на жртвите од пожарот не ја нападнале туку се бореле за вистината и правдата.
Следното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ е закажано на 2-ри февруари.
Викторија Милевска
