Глампинг - спој на гламур и кампување
10.09.2014 11:44
Овој тренд се појави пред десетина години во Велика Британија, од пред извесно време и Франција го прифати овој вид туризам за да привлече богати туристи...

Во Франција се појави нов вид туризам - „глампинг“, што претставува спој на гламур и кампување. Тоа е многу удобно кампување во природата, наменето за богатите.
Концептот е сличен на сместувањето на сафари турите за богати во Азија и Африка: во луксузни шатори или куќики на дрвја, место вреќи за спиење и конзерви, се наоѓаат раскошни кревети, а удобноста може да се спореди со луксузните хотели.
Овој тренд се појави пред десетина години во Велика Британија, од пред извесно време и Франција го прифати овој вид туризам за да привлече богати туристи.
Брачна двојка од областа Бретања, на запад на Франција, која има 72 хектари земја и големо земјоделско газдинство, има и пет големи комфорни шатори што можат да примат по шест лица. Во шаторите, опремени како хотели со четири ѕвездички, постелнината е свилена, ќебињата се волнени, а богато се опремени и просторот за дневен престој, кујната и купатилото со туш-кабина.
-Нема топла вода, ниту струја, но тука има топла постелнина и пријатно чувство на престој во природа, рече еден турист и додаде дека „глампингот“ е популарен и во Холандија.
Ноќевањето во луксузниот шатор чини 100 евра.
Туристите вообичаено јадат домашна храна, што ја приготвуваат сопствениците на имотот.