сад

Американските федерални агенти распоредени во Минеаполис ќе почнат со повлекување од градот

27.01.2026 12:41

Американските федерални агенти распоредени во Минеаполис ќе почнат со повлекување од градот. Расте притисокот врз претседателот да се спроведе целосна истрага за убиството на демонстрант за време на полициска акција. Во исто време шефот на Белата куќа го повлече заповедникот на граничната полиција. И покрај смирувачките тонови од Вашингтон, нови протести се најавени и во следните денови...

Федералните агенти распоредени во Минеаполис ќе почнат да го напуштаат градот, потврдија градските власти. Администрацијата на Трамп се обидува да го намали бранот јавен револт поради убиството на 37-годишниот Алекс Прети за време на интервенција на службата за имиграција. Во исто време Шефот на Белата Куќа го повлече заповедникот на граничната полиција Бовино и на негово место го назначи т.н „граничен цар“, Хоман.

„Г-дин Хоман ќе продолжи да ги спроведува законите за имиграција на нашата нација, особено депортирањето на најлошите од најлошите криминалци во Минесота кои извршиле насилни прекршоци. Многу од нив имаат пресуди за напад, возење под дејство на алкохол“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

И покрај веста дека Бовино и некои агенти ќе заминат, тензиите во Минеаполис останаа високи, нови демонстрации се најавени за следните денови. Главниот обвинител на Минесота, изјави дека операциите на федералните сили во државата не се за имиграција, туку за одмазда од американскиот претседател Трамп.

„Ова е најголемото распоредување на службеници за имиграција на едно место во исто време, во држава која не е ни на врвот на имиграцијата. Што го оправдува овој непропорционален прилив? Ништо легитимно, но претседателот беше јасен. Се молиме за олеснување што и е потребно на државата Минесота од судот“, изјави Кит Елисон, главен обвинител на Минесота.

Алекс Прети е вториот жител на Минеаполис кој беше застрелан и убиен од федералните службеници за имиграција, по инцидентот од 7 јануари, во кој беше убиена Рене Никол Гуд. Министерството за внатрешна безбедност тврди дека агентите пукале во самоодбрана, а Прети имал пиштол и давал отпор во нивните обиди да го разоружат. Очевидвите, локалните функционери и семејството на Прети ги негираат наводите, посочувајќи дека тој држел телефон, а не оружје.

 

Маријана Димовска