Ќе се обновува ентериерот на галеријата на Никола Мартиноски во Крушево

10.09.2014 12:11

По повод 110 години од Илинденското востание и од раѓањето на Мартиноски и 40 години од неговата смрт, минатата година со средства на Министерството за култура целосно беше обновена и надворешноста на овој мошне значаен објект...

Целоснo ќе се обновува ентериерот на Галеријата на Никола Мартиноски во Крушево. Обноватаја треба да почне откако ќе биде избрана фирма-изведувач, соопшти Министерството за култура.

Во објектот каде е презентирано исклучително вредно ликовно наследство создадено од основоположникот на македонската ликовна уметност, до крајот на годината е предвидено ентериерно тековно одржување на ѕидовите, обнова на електричната инсталација, замена на алармниот систем и на металната ограда на приодните скали. Исто така, освен целосната обнова на внатрешноста, предвидено е објектот да биде осветлен со што ќе врати сјајот на овој симбол на градот Крушево, стои во соопштението на Министерството за култура.

Се бара решение на проблемот со складиштето за огрев во објектот, како и пренамена на простор во внатершноста кој може да се стави во функција на галериската и музејската дејност. Сите активности имаат  цел да обезбедат соодветни услови за одржување, чување и негување на збирката и делата на Мартиноски, како и на етнолошката збирка во самиот објект.

По повод 110 години од Илинденското востание и од раѓањето на Мартиноски и 40 години од неговата смрт, минатата година со средства на Министерството за култура целосно беше обновена и надворешноста на овој мошне значаен објект.

Беа реновирани надворешната фасада и столарија, се изгради потпорен ѕид пред галеријата кој овозможи и хортикултурно доуредување на просторот, а со нов одвод спроведена е атмосферската вода од дворот и од покривната конструкција која сериозно ги загрозуваше темелите на објектот, соопшти Министерството.