Шефот на граничната патрола и дел од агентите го напуштаат Минеаполис
Американските федерални агенти распоредени во Минеаполис ќе почнат со повлекување од градот. Расте притисокот врз претседателот да се спроведе целосна истрага за убиството на демонстрант за време на полициска акција. Во исто време шефот на Белата Куќа го повлече заповедникот на граничната полиција. И покрај смирувачките тонови од Вашингтон, нови протести се најавени и во следните денови...

Администрацијата на претседателот Трамп се обидува да го намали јавниот револт по убиството на 37-годишниот Алекс Прети во Минеаполис за време на интервенција на службата за имиграција. Додека комесарот на граничната патрола Грегори Бовино и некои од неговите агенти заминуваат, шефот на Белата Куќа го испраќа Том Хоман, познат како „граничниот цар“, во градот за да ги преземе теренските операции.
„Г-дин Хоман ќе продолжи да ги спроведува законите за имиграција на нашата нација, особено депортирањето на најлошите од најлошите криминалци во Минесота кои извршиле насилни прекршоци. Многу од нив имаат пресуди за напад, возење под дејство на алкохол“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Главниот обвинител на Минесота, изјави дека операциите на федералните сили во државата не се за имиграција, туку за одмазда од американскиот претседател.
„Ова е најголемото распоредување на службеници за имиграција на едно место во исто време, во држава која не е ни на врвот на имиграцијата. Што го оправдува овој непропорционален прилив? Ништо легитимно, но претседателот беше јасен. Се молиме за олеснување што и е потребно на државата Минесота од судот“ изјави Кит Елисон, главен обвинител на Минесота.
Убиството на Алекс Прети од страна на агенти на американската имиграциска служба предизвика дополнителен бран протести и тензии во Минеаполис. Пред нешто повеќе од две недели во истиот град беше застрелана и убиена Рене Никол Гуд од федерална служба формирана од администрацијата на претседателот Трамп за остварување на целите од неговата кампања против илегалната миграција.
Маријана Димовска
