Камионџиите на нозе, економијата на пауза, Брисел под притисок
Премиерот Мицкоски очекува решение на проблемот со превозниците. Унијата одново ќе расправа за строгите шенген правила. Транспортерите ги блокираа граничните премини кон Европската унија од Македонија и целиот регион. Штетите се проценуваат на над 100 милиони евра дневно. Доколку не се најде решение на протестот ќе се приклучат и дел од автобуските превозници од меѓународните линии...

Камионџиите на нозе, економијата на пауза, Брисел под притисок. Премиерот изрази очекување дека ќе биде надминат проблемот со кој се соочуваат македонските превозници, преку директна комуникација со Европската Унија. Потсети дека е отворено прашањето уште од септември лани, каде е вклучен и министерот за надворешни, Тимчо Муцунски.
„Вчера побарав телефонски разговор со претседателката со Европската комисија, службено е отсутна во Индија, очекувам деновиве повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот да ја ставиме оваа тема маса“, изјави премиерот Мицкоски.
Директната штета од блокадите на премините и извозот од целиот Западен Балкан изнесува околу 100 милиони евра дневно, рече Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж. Вели, повеќе од две години, бизнисмени од Западен Балкан, од Србија, Македонија, Албанија и од Црна Гора се обединија за да и посочат на Европа дека ова е голем проблем, но нема решение.
Брисел мора да најде решение за превозниците, во спротивно цената за регионот ќе биде превисока, алармира министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Превозниците тврдат дека нивните аргументи долго време биле игнорирани, а дека новиот систем за влез и излез од Европската Унија, сериозно им ја загрозува работата.
Борис Грујоски
