Товарниот сообраќај трет ден блокиран
Камионските превозници од Западен Балкан и натаму ги блокираат граничните премини кон Шенген-зоната, барајќи од Европската Унија измена на правилото за електронска евиденција на престојот, кое, според нив, сериозно го загрозува меѓународниот транспорт.

Товарниот сообраќај кон Шенген-зоната останува блокиран поради протестот на транспортните превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои од завчера поставија камиони на граничните премини. Тие бараат измена на правилото 90/180 дена за електронска евиденција на престој, кое, како што велат, не ја зема предвид спецификата на професионалните возачи.
Според проценките на стопанските комори, штетите од блокадите изнесуваат околу 100 милиони евра дневно на регионално ниво.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува проблемот да биде надминат и најави повторно отворање на темата со Европската комисија, посочувајќи дека прашањето е на маса уште од септември минатата година.
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ предупредуваат дека барањата за ангажирање по двајца возачи се економски неодржливи, додека поддршка на протестите најавија и здруженијата на автобуски превозници и националната транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“, кои повикуваат решението да се бара во Брисел и најавуваат можност за заеднички протести доколку не се постигне договор.
