ССМ денеска на протест за зголемување на минималната и сите останати плати
Платата на работниците не стигнува од први до први, вели првиот синдикалец Трендафилов. Лани месечните примања не се зголемија, а инфлацијата во Македонија остана висока. Сојузот на синдикати на Македонија на попладневниот протест ќе побара минималец од 600 евра и повисоки плати…

Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе одржи протест за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и на сите останати плати за 100 евра. На протестот, кој ќе започне во 17 часот, ќе биде искажано незадоволство поради неисполнување на барањата за зголемување на платите. Протестот ќе почне пред Работничкиот дом и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов вчера на прес-конференција рече дека протестот се организира поради игнорантскиот однос на Владата и работодавачите кои не ги зголемија платите на работниците.
Според ССМ, има многу аргументи за зголемување на платите тргнувајќи од инфлацијата се до растот на вредноста на синдикалната минимална кошничка во јануари за илјада денари. Според него, повеќе нема изговори бидејќи 200 илјади луѓе се сиромашни и живеат со плата под 30.000 денари.
На протестот ќе се приклучи и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Во соопштение испратено до медиумите, ССНМ ги повика своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјата.
