Вашингтон разгледува можност за воен напад врз Иран
Новата одбранбена стратегија на САД за 2026 го посочува Иран како закана поради обидите да ја обнови воената моќ и да дојде до нуклеарно оружје.

Вашингтон разгледува можност за воен удар врз ослабениот Иран, кој се соочува со протести, економска криза и меѓународни санкции. Новата одбранбена стратегија на САД за 2026 го посочува Иран како закана поради обидите да ја обнови воената моќ и да дојде до нуклеарно оружје. Во регионот веќе е распореден носачот на авиони „Абрахам Линколн“, а Трамп најави дека уште една американска флота се упатува кон земјата.
„Има уште една прекрасна армада што прекрасно плови кон Иран токму сега. Па ќе видиме. Се надевам дека ќе постигнат договор“, изјави претседателот Доналд Трамп.
Од Техеран велат-подготвени сме за одговор со целосна сила.
„Распоредувањето на воениот брод нема да ја поколеба волјата или решителноста на Иран да ја брани земјата со полна сила. Имаме и волја и полна способност да ја одбраниме нашата земја“, рече Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.
Либанскиот Хезболах најави поддршка за Иран и предупреди дека напад врз ајатолахот Хамнеи би значел објава на војна против шиитскиот свет.
