Свет

Дополнителна флота на САД плови кон Блискиот Исток

28.01.2026 12:34

Американски воени бродови пловат кон блискиот исток. По немирите во Иран, Вашингтон се закани со воен удар. Во регионот веќе е распореден носачот на авиони „Абрахам Линколн“. Властите во Техеран подготвени за одговор со целосна сила...

Нова неизвеснот на Блискиот Исток. Вашингтон разгледува можност за воен удар врз Иран, кој го смета одговорен за смртта на илјадници демонстранти за време на неодамнешните антивладини протести. Во регионот веќе е распореден носачот на авиони „Абрахам Линколн“, додека Трамп испраќа дополнителна флота. Зголемените тензии се поклопуваат со новата одбранбена стратегија на САД, која го посочува Техеран како закана поради обидите да ја обнови воената моќ и да дојде до нуклеарно оружје.

„Има уште една прекрасна армада што прекрасно плови кон Иран, токму сега. Па ќе видиме. Се надевам дека ќе постигнат договор“, рече Трамп.

Додека Пентагон разгледува насочени удари врз ирански функционери, Техеран предупредува дека е подготвен да одговори со целосна сила.

„Распоредувањето на воениот брод нема да ја поколеба волјата или решителноста на Иран да ја брани земјата со полна сила. Имаме и волја и полна способност да ја одбраниме нашата земја. Внимателно го следиме секое движење и развој, градејќи ги своите капацитети за заштита на националниот суверенитет, достоинство и безбедност“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

Хезболах најави поддршка за Иран и предупреди дека напад врз ајатолахот Хамнеи би значел објава на војна против шиитскиот свет. Во услови на зголемени геополитички промени Русија и Кина ја зајакнуваат стратешката соработка.

„Примерите на Венецуела и Иран бараат од нашите агенции континуирано да ја анализираат безбедносната состојба и да преземаат соодветни мерки. Редовната размена на мислења за воената соработка е од суштинско значење“, истакна рускиот министер за одбрана, Андреј Белоусов на Русија.

„Верувам дека, со оглед на тежината на променливата глобална ситуација, нашите сегашни контакти и врски се многу навремени и важни“, нагласи кинескиот министер за одбрана, Донг Џун.

Тензиите меѓу Иран и САД остануваат високи по протестите од 28 декември, предизвикани од падот на ријалот, кој достигна рекордно ниско ниво од 1,5 милиони за долар по крвавото задушување со илјадници мртви. Иран ги обвинува странските сили, додека економијата е под притисок од меѓународните санкции.

Бојана Крстевски