Подобри услуги за земјоделците со новото АД за водоснабдување
Властите порачуваат, водостопанските претпријатија да не стравуваат за својот капитал...

Со формирање на новото акционерско друштво за водостопанство, ќе се подобри степенот на давање услуги кон земјоделците и ефикасноста во фукционирањето на водоснабдителниот систем.Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, со новото АД ќе се создадат подобри услови за најавените обемни инвестиции во водостопанството и ефикасно ќе се задоволуваат потребите на земјоделците.
„Водостопанството е едно од главните гранки во земјоделството. Без вода нема земјоделие, односно колку има повеќе вода, толку се поголеми приносите. Предлог-законот ќе стапи во сила откако ќе заврши јавната расправа и се очекува тој да биде завршен до крајот на годината“, нагласи Цветков.
Со новоформираното друштво ќе се централизира управувањето во овој сектор. Постоечките 12 водостопански претпријатија ќе станат негови подружници, а онаму каде што нема формирано вакви претпријатија или, пак, постоечките слабо работеле ќе бидат формирани нови.
