Трет ден продолжува блокадата на товарниот сообраќај
Товарниот сообраќај останува блокиран. Трет ден, камионите на превозниците се паркирани на граничните премини кон шенген – зоната, бидејќи се бара промена на правилото за влез и излез од ЕУ. Стопанството трпи штети, ако наскоро нема решение, и автобуските превозници ќе се приклучат на блокадите.

Наместо на пат илјадници километри од дома, превозниците трет ден на блокада на граничните премини. Сè уште се бара решение за новите правила со кои престојот е ограничен 90 дена во Шенген зоната. Загуба овие денови бележи Сашо Цаневски, кој дваесетина години е во оваа дејност. Но наместо во кабина во некоја од европските држави, тој сега е на минусни температури дома, на граничниот премин Деве Баир.
„Ние ќе ги искористиме деновите во два месеци, тука застанува се и транспорт и шофери ќе немаме, сè ќе биде проблем. Секаде кај што ќе одиме проблем е во кабина спиеме, на снегови минус, еве синоќа беше минус 8 проблем е за шофери, мака е да се донесе робата, секакви работи има по пат, тешко е“, изјави Сашо Цаневски, транспортер.
Загрижени за сопствената егзистенција, но и големите економски се и неговите колеги. Возачите кои го надминале дозволеното време за престој велат веќе се депортирани дома. Има и такви со забрани за влез.
„Половина од овие камиони ќе останат во Македонија, ќе се намали работната сила, ќе останат шофери без работа, и фирмите ќе застанат не само, а плус и економијата ќе застане“, изјави Александар Цветановски, транспортер.
„Не третираат нас во Македонија на Запад како мигранти, се симнуваат од камиони, не носат во притвор, и не враќаат назад. Камионите остануваат горе со роба, незаштитени, и роба што вреди над 30.000 евра“, изјави Благе Пешевски, транспортер.
Но солидарноста е голема, па овие возачи обезбедиле храна и пијалаци и за своите колеги од Австрија, Турција и Романија, кои останаа заглавени на граничниот премин.
На Деве Баир останува блокадата за сообраќај за тешки товари возила, додека патничкиот се реализира нормално. Дополнително се пропуштаат возила кои пренесуваат лекови, животни.
Елена Георгиевска
