Судски совет

За судијата Ристов и претходно имало претставка за неиземање од случај

28.01.2026 16:58

Судскиот совет постапи по барањето на Кривичниот суд – сега да оставиме на истрагата, вели претседателот на телото, Александар Камбовски за случајот со Апелацискиот судија, Ѓоко Ристов кој е во куќен притвор. И претходно имало претставка против овој судија за неиземање од случај…

Судскиот совет и во минатото одлучувал по претставки, поднесени за апелациониот судија Ѓоко Ристов, потврди претседателот на телото, Александар Камбовски. Тој на новинарско прашање, дали Ристов бил пријавуван за мито, рече оти не се сеќава, потврди дека за судијата имало претставка за неиземање од случај од кој тоа требало да го направи, за што добил тримесечна казна од 15 проценти помала плата.

Судскиот совет постапи по барањето на судот за одземање на имунитетот на Ристов, вели Камбовски кој остава сега истрагата да покаже што се случувало.

Апелациониот судија Ристов е во куќен притвор – се товари за противправно стекнување и прикривање на имот и перење пари и други приноси од казниво дело, откако во ѕид во домот на неговите родители полицијата пронајде 350.000 евра.

Марија Котовска