Обвинителството ќе ја проверува работата на Oпштина Охрид
По извештајот на Државниот завод за ревизија, Јавното обвинителство оформи предмет за работењето на Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков вели, последниот ревизорски извештај кој се однесува на периодот од 2018 до 2025 година е најуспешниот во историјата.

По извештајот од Државниот завод за ревизија, Јавното обвинителство оформи предмет и ќе го проверува работењето на Општина Охрид. Ревизорите изразија мислење со резерва за реалноста на финансиските извештаи, како и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, вели Општина Охрид стои на располагање на сите надлежни институции.
„По закон, сите државни ревизорски извештаи се доставуваат до институциите, вклучително и до Јавното обвинителство, и доколку Јавното обвинителство има потреба од дополнителна документација, ние ќе ја доставиме. Времето е тоа што ќе ја покаже вистината“, вели Пецаков.
Ревизорите забележале и дека не се отстранети дивоградбите, а градоначалникот посочува дека биле распишувани тендери, но немало интерес од фирмите.
„Бројот на дивоградби којшто е евидентиран и регистриран врз основа на препораките и мерките на УНЕСКО, заедно со постапувањето и прашањето зошто не се рушат, како локална самоуправа, во четири години, додека бев градоначалник, во три години имавме по два пати годишно неуспешен тендер за отстранување, затоа што немаше интерес од компаниите“, додава Пецаков.
Според градоначалникот, последниот ревизорски извештај, кој се однесува на периодот од 2018 до 2025 година, е најуспешниот ревизорски извештај во историјата на Општина Охрид.
Соња Рилковска
