Протест

ССМ излезе на протест со барање за зголемување на платите за најмалку шест илјади денари

28.01.2026 19:47

Нема да дозволиме игри со работничката мака, сакаме поголеми плати порачаа синдикатите на денешниот протест. Бараат зголемување на платите за најмалку 6 илјади денари, а минималната да достигне 600 евра. Маршот почна од зградата на ССМ, преку Собранието и заврши пред Владата..

Минималецот да биде 600 евра а останатите плати да се зголемат за 100 евра, побараа Синдикатите на денешниот протест во Скопје. Предупредија дека тука нема да застанат ако надлежните останат глуви на барањето за повисоки примања. Стартуваа од пред седиштето на ССМ, продолжија пред Собранието, а завршија пред Владата.

Синдикалците од пред Собранието рекоа дека не треба пратениците да си играат со работничката мака, од чии даноци тие земаат плата.

Пред работничкиот протест за повисоки плати, се огласи и Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, чии членови го поддржаа протестот. Таа им порача на политичките партии да не се мешаат во маршот, односно како што кажа, да ги тргнат „канџите“ од работничките протести.

Од Владата пак остануваат на ставот дека не се против зголемување на платите, туку дека ќе ја почитуваат секоја одлука на работодавачите.

 

Борис Грујоски