Собрание

Две комисии денеска во Собрание

29.01.2026 09:51

Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија, денеска во Собрание...

Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.

Пред членовите на двете собраниски комисии е Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Кредитната банка за обнова – КфВ по Договорот за заем за финансирање на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија, фаза 2, по скратена постапка.

Како што се посочува во Предлог-законот, Република Северна Македонија се задолжува кај Кредитната банка за обнова – КфВ со заем во износ од 40.000.000 евра, наменет за финансирање на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови и објекти за ученици/студенти со попречености во Северна Македонија – фаза 2.

Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период до пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. Република Северна Македонија ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 1% од износот на заемот. Република Северна Македонија ќе и плаќа на Кредитната банка за обнова – КфВ провизија во висина од 0,25% од неповлечениот дел од заемот. Провизијата од ставот 4 на овој член ќе се плаќа полугодишно.

Со Проектот се предвидува да се изврши енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови што вклучува зголемување на комфорот и подобрување на условите за живот на студентите, опремување на соби за студенти со посебни потреби, промена на водоводна инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во

објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија и сл.

-Воедно, со проектот ќе биде опфатена и реконструкција на основни и средни училишта со ресурсни центри, за ученици со посебни потреби (со оштетен вид, со оштетен слух, пречки во развојот и др.), како и еден ученички дом во Велес, кои не се енергетски ефикасни и во кои не е извршена реконструкција подолг временски период, а од друга страна училиштата не се прилагодени за ученици со ваков вид на потреби. Во објектите нема лифтови за лица со попречености, нема простории за нега на лицата со посебни потреби и др., се посочува во Предлог-законот.