Лондон и Пекинг почнуваат нова ера на соработка
Лондон и Пекинг отвораат ново поглавје во односите. Британскиот премиер Стармер, во прва официјална посета на Кина по осум години, се сретна со претседателот Џинпинг и најави напредок во трговијата, безбедносните прашања и безвизниот режим.

По години заострени односи, Лондон и Пекинг почнуваат нова ера на соработка. Лидерите на Велика Британија и Кина повикаа на сеопфатно стратешко партнерство за продлабочување на врските во услови на глобална неизвесност. Британскиот премиер Кир Стармер кој првпат по осум години, е во официјална посета на земјата, се сретна со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, при што двете страни најавија напредок во трговските и безбедносни прашања, вклучувајќи ги царините за виски, безвизните патувања во Кина и договор за гранична безбедност. Стармер оцени дека односите се на силна позиција и го нарече состанокот продуктивен, додавајќи дека Кина е клучен играч на светската сцена.
„Постигнавме навистина добар напредок околу тарифите за виски, за безвизен режим со Кина и за размена на информации и соработка околу нерегуларната миграција, со посебен фокус на мали чамци и нивните мотори. Тоа се три области, но тие се примери за многу пошироко отворање на пристап за бизнисот што го дискутиравме подолго. Навистина конструктивна средба со реални резултати, и тоа е во нашиот национален интерес“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
Кина е подготвена да работи на долгорочно и стабилно стратешко партнерство. Шји призна дека постојат тешкотии што ќе мора да ги надминат, но рече дека соработката меѓу двете земји би можела да отвори ново поглавје во нивните односи. Тој нагласи дека соработката меѓу двете земји треба да биде одржлива, сеопфатна и да ги почитува заедничките интереси.
„Во последниве години, имаше пресврти во односите кои не се во интерес на двете земји. Кина и Обединетото Кралство мора да го зајакнат дијалогот и соработката, без разлика дали за одржување на светскиот мир и стабилност или за унапредување на економиите и условите за живот на двете земји“, нагласи Си Џинпинг, претседател на Кина.
Посетата на Стармер доаѓа во услови на растечки тензии со американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со царини за Канада доколку потпише трговски договор со Кина. Премиерот ги отфрли загриженостите дека поблиските врски со Пекинг би ја нарушиле соработката со Вашингтон, истакнувајќи дека односите со САД остануваат еден од најблиските за Велика Британија. Стармер претходно посочи дека е прагматичар и не гледа потреба да избира помеѓу САД и Кина, а го придружува делегација од повеќе од 50 бизнисмени. На крајот на февруари, и германскиот канцелар Фридрих Мерц планира да го посети Пекинг.
Бојана Крстевски
