Град Скопје

Ѓорѓиевски: Над 40 нови возила за Комунална хигиена

29.01.2026 11:19

Град Скопје започнува со најобемна набавка на специјализирани возила за Комунална хигиена во последните десет години. Над 40 нови камиони и машини ќе бидат ставени во функција за подобра и поефикасна чистота во сите скопски населби.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека официјално е започната постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, со што, како што истакна, во градот ќе се воспостави ред и достоинство во одржувањето на јавната чистота.

Тендерската постапка ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка и веќе е распишана, а по завршувањето на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата. Паралелно, на денешната седница на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за Комунална хигиена, со која градот од сопствени средства обезбедува дополнителни повеќе од десет нови камиони.

Со ова, Скопје ќе располага со повеќе од 40 современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град. Според градоначалникот, станува збор за најголема инвестиција во јавната чистота во последните десет години, реализирана за помалку од три месеци од почетокот на неговиот мандат.

„Проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани заминува во историјата. Градот ќе има доволен број возила за навремено, организирано и достоинствено покривање на секоја населба и секоја улица“, порача Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.

Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот Александар Николоски за поддршката, нагласувајќи дека чист град значи здрав град и подобар живот за сите граѓани.