Истрагата за полицајците во случајот „Пулс“ сè уште без официјален епилог
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција најавува дека наскоро ќе соопшти информации за истрагата против шестмина полицајци и началници осомничени во случајот „Пулс“, додека јавноста сè уште нема потврда дали е лоцирана нивна одговорност за пожарот.

Дали е запрена истрагата за шестмина полицајци и началници осомничени во случајот „Пулс“, одговор треба да даде Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од каде велат дека наскоро ќе излезат со информации за случајот.
Засега нема ниту потврда, ниту демант од Обвинителството дали кај полициските службеници не е лоцирана одговорност за пожарот.
Од Обвинителството ќе треба да одговорат и дали е точно дека овие осомничени ќе се товарат за злоупотреба на службената положба, бидејќи нивните овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарните мерки, туку за проверка на сообраќајната безбедност и паркинг просторот на објектот.
Поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски најави дека истрагата за припадниците на МВР ќе заврши до декември, но до сега нема официјално известување дека е донесена јавнообвинителска одлука.
За случајот „Пулс“ засега обвинети се 35 физички и 3 правни лица. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се виновни за несреќата.
