Алармот е вклучен

Расте заканата од војна меѓу САД и Иран

29.01.2026 14:01

Вашингтон разгледува можни воени акции против Техеран ако не се остварат преговорите за нуклеарната програма. ЕУ воведува санкции за иранските власти. Во Брисел, состанок на министрите за надворешни работи...

САД се чини дека се подготвени да го нападнат Иран наскоро. Според светските агенции, потенцијалните цели се во голема мера предвидливи, исходот и натаму непознат. Претседателот Трамп, упати драматично предупредување до иранските власти, порачувајќи им дека времето за преговори за нуклеарното оружје истекува. Иран возврати дека би можел да изведе превентивен напад или пошироко да го таргетира Блискиот Исток, вклучувајќи ги американските воени бази и Израел.

„Мораме да имаме доволно сила и моќ за да се одбраниме од можноста во одреден момент, иранскиот режим да одлучи да ги нападне нашите војници во регионот. Претседателот секогаш ја задржува превентивната одбранбена опција. Исто така, имаме безбедносни договори, план за одбрана на Израел и други што бараат од нас да имаме позиција на сила во регионот за да се одбраниме“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

САД го преместија носачот на авиони Линколн и неколку разорувачи со ракети на Блискиот Исток, кои можат да се користат за напади од море. Сојузниците едногласни, светот мора да се осигура дека Иран нема да има нуклеарно оружје.

„Големото прашање, големиот предизвик е да се осигураме дека Иран нема да добие нуклеарна програма. Сите сме апсолутно согласни за тоа и работиме со сојузниците за таа цел“, рече Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Претходно, Трамп се закани дека ќе употреби сила како одговор на убивањето на илјадници мирни демонстранти и можните масовни егзекуции. Во исто време, Брисел согласен за нов пакет санкции за иранскиот режим за репресија врз демонстрантите.

„Бројот на жртви во протестите што беа во Иран и средствата што ги презеде режимот се навистина сериозни. Затоа испраќаме јасна порака дека ако ги потиснувате луѓето, тоа има цена и ќе бидете санкционирани“, изјави Каја Калас, шефица за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ.

Од Кремљ велат, Русија сè уште чека САД да одговорат на предлогот на претседателот Путин неформално да ги продолжи за една година одредбите од последниот преостанат договор за нуклеарно оружје меѓу двете земји.

Маријана Димовска