Собранието ги очекува измените на Законот за Влада
Во Собранието досега не се доставени измени на Законот за Влада со кои би се укинало постоењето на техничка влада пред избори, информира спикерот Гаши. Најави дека работната група за изборните реформи треба да ја започне работата во февруари.

Во Собранието нема пристигнато измени на Законот за Влада со кои би се укинало постоењето на техничка влада три месеци пред избори – вели првиот парламентарец Африм Гаши.
Според него може мнозинството да ги донесе овие измени, но тој посакува консензуалност во процесот, бидејќи и лидерската средба била во таа насока.
Партиите во Собранието веќе ги предложиле кандидатите за членови во работната група која ќе се занимава со измена на Изборниот законик. Дали ќе бидат измени на постоечкиот или комплетно нов, зависи од Министерството за правда што ќе понуди, вели Гаши.
Начелно е договорено првиот состанок на работната група да се одржи во февруари.
Гаши е задоволен од работата на Собранието. Смета дека намалени се тензиите и нема јазик на омраза, а дијалогот постои, што е резултат на созревање, како што вели Гаши, на политичката сцена.
Миле А. Ристески
