Новата стратегија на ЕУ за визите го решава проблемот и на македонските превозници
Се решава проблемот со македонските возачи, признаени се како професионалци. Брисел ќе донесе нова стратегија за визи на Унијата. Нашите ставови се прифатени, објави министерот за транспорт Николоски. Европската комисијата, ќе разгледа можности за издавање визи со повеќекратен влез за туризам и за бизнис со период на важење над пет години. Македонија пак, веќе спроведе дел од законските регулативи согласно со европскиот пакт за азил и миграција, со која ќе се зголемат безбедноста и размената на информации и со земји што не се членки на ЕУ...

Стратегијата за визите предвидува издавање на економски визи во траење од 5 години за професионалците како возачите на камиони, спортистите и уметниците коишто имаат потреба да престојуваат повеќе од 90 дена во 180 дена согласно со правилата на шенген-зоната. Ова го решава и проблемот на македонските превозници.
Стратегијата за азил и миграција предвидува рестриктивни мерки за непријателски настроени трети земји и построг мониторинг на постојните безвизни режими. Ова ги вклучува и земјите што не се членки, кои според МВР можат да се соочат со мигранти од ЕУ кога нивниот број во унијата ќе се надмине.
Македонија ги има усвоено сите меѓународни стандарди за мигранти, вклучувајќи ги и европските регулативи кои ја подобруваат соработката меѓу ЕУ и земјите што сè уште не се дел од Унијата.
Со новите европски стратегии треба да се подобрат конкурентноста и безбедноста на ЕУ.
Ирина Гелевска
