Избор на нов член на Судскиот совет од немнозинските заедници
Заврши гласањето на судиите за нов член на Судскиот совет од немнозинските заедници. Право на глас имаа сите 418 судии запишани во судскиот изборен именик. Во трка се шестмината кандидати. Сумирањето на резултатите ќе биде на јавна седница, закажана за 18 часот.

На непосредни избори судиите денеска гласаа за нов член на судскиот совет од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 проценти од населението.
Право на глас имаа сите 418 судии запишани во судскиот изборен именик. Гласањето започна во 8 часот и трае до 15 часот во изборните места во сите судови во земјава. Резултатите ќе бидат објавени на јавна седницпо.
Судиите гласаа за еден од шестмината кандидати: Африм Јакупи (судија на Апелационен суд Гостивар), Садула Назири (судија на Основен суд Тетово), Улбер Хасани (судија на Основен граѓански суд Скопје), Хасан Асани (судија/претседател на Основен суд Тетово), Џемали Саити (судија на Врховен суд) и Шпреса Граинца Османи (судија на Основен кривичен суд Скопје).
Изборот е за местото на судијата Ханиф Зендели од Апелацискиот суд Гостивар, чиј шестгодишен мандат истекува. Зендели за член на Судскиот совет беше избран на 22 јануари 2020 година.
Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.
Игор Панов
