Кривична пријава за Бислимовски, овозможил противзаконско работење на „Тритерол Петрол“
Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Обвинителство против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимовски. Осомничен е за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, незаконски ја прекинал постапката за одземање лиценца на компанијата „Тритерол петрол“...

Актуелниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, незаконски и овозможил на нафтената компанија „Тритерол Петрол“ да продолжи со работа повеќе од една година. Ова го тврди Финансиската полиција која му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Оттаму наведуваат дека иако лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година како што налагале законските рокови, Бислимовски донел решение со кое постапката била прекината, а лиценцата била одземена по 15 месеци. Во тој период компанијата остварила промет над 3 милиони евра и незаконски заработила 227 илјади евра.
Бислимовски појасни дека станува збор за примена на правилникот за капацитет на резервоари за гориво, но рече дека нема прекршување на процедурата бидејќи истиот правилник бил применуван и за сите останати компании – баратели на лиценци. Рече, оти им стои на располагање на истражителите да докаже дека роковите се испочитувани, а кривичната пријава нема основа.
Споменатата компанија е во сопственост на Љупчо Пецов, обвинет во случајот „Синџир“. Финансиската полиција го сомничи дека заедно со останатите инволвирани фалсификувал документи дека поседува соодветни резервоари за гориво, а со цел да ја продолжи лиценцата за трговија со нафтени деривати.
Анита Димитријевска – Велковска
