Бројот на заболени од грип опаѓа, но опасноста од нов втор бран не е исклучена
Оваа сезона се регистрирани три смртни случаи со грип. Во текот на четвртата недела на јануари се намалува бројот на заболени, но рано е да се каже дека е надминат пикот – велат од Институтот за јавно здравје. Пријавени се 1.708 случаи.

Втора недела по ред бројот на заболени од грип опаѓа, но опасноста од нов втор бран не е исклучена, рано е да се каже дека грипот ја губи силата. Во Институтот за јавно здравје пријавени се 1.700 случаи за една недела, најмногу заразени има во Кратово и во Дебар.
„Две недели има намалување на бројот на заболени од грип, но сè уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот, бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Можеби ова е првиот, можеби да е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново зголемување на бројот на заболени“, изјави Марија Андоновска – директорка на Институт за јавно здравје.
И педијатрите алармираат дека овие временски услови – со температура над нулата и врнежливото време одат во прилог на грипот. Во ординациите, најчести пациенти се децата со бактериски инфекции, а се поприсутен е и ковидот.
„Кога ќе ги распрашаме за симптомите и за почетокот на болеста стварно се разликува од тоа како почнува грипозната инфекција и самиот пациент посочува дека не го чувствува мирисот и вкусот што не асоцира дека се работи за коронавирусна инфекција. Очекувам дека ова не е завршеток на грипот, ќе имаме налет на уште многу пациенти. Да апелираме граѓаните и децата да бидат заштитени колку што може за да ја избегнеме тешката клиничка слика на грипот“, изјави д-р Мира Атанасова – педијатар.
Лекарите велат – годинава грипот има потешка клиничка слика предизвикувајќи сериозни компликации особено кај децата, повозрасните и хронично болните. Од почетокот на сезоната на Инфективната клиника од грип починаа тројца пациенти сите имале хронични заболувања и не биле вакцинирани.
Андријана Ѓурческа
