Собрание

Сиљановска – Давкова ги потпиша измените на Кривичниот законик кој беше изгласан во Собранието

29.01.2026 17:16

Сиљановска-Давкова ги потпиша измените на Кривичниот законик. Близу двотретинска поддршка е доволна причина да стави потпис – смета шефицата на државата. Вели дека им забелешки околу кривичните дела врзани за злоупотреба на службата и јавните набавки. Според неа таму треба прецизирање и посигурни одредби...

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова ги потпиша измените на Кривичниот законик кој беше изгласан во Собранието. Вели дека во одреден дел се согласува со експертската јавност која имаше забелешки за измените за кривичните дела и санкциите за функционерите, но и дека ова го прикажа како транзициско решение додека не биде донесен новиот Кривичен законик во јуни дотолку повеќе што и најголемата опозициска партија СДСМ го поддржала ова законско решение. Близу двотретинска поддршка е доволна причина да стави потпис-смета шефицата на државата.

„Во поглед на построгите критериуми, подобро квалификуваните дела врзани за злоупотреба на службената положба ќе го толерирам ова само во пресрет на чекањето на новиот Кривичен законик. Според мене тој ќе биде клучен во судските реформи и сметам дека треба да биде донесен час поскоро. По разговори со предлагачот, со владата и по барање гаранции, ова нема да значи дека сме го решиле проблемот и одолговлекување на Кривичниот законик“, изјави претседателката Гордана Сиљановска–Давкова.

Стартувањето на проектот „Безбеден град“ не би можел да функционира ако не е пропратено со решенија што значат санкционирање на сите повреди она што беше воведено во Законот за прекршоци, кривичните дела за безбедноста – оценува шефицата на државата

„Ги прифаќам овие измени само како транзициски за да може да имаме исчекор во поглед на санкционирањето на една од најтажните македонски приказни во сообраќајот, жртвите, заштитата на жените тоа ми е многу битно“, изјави претседателката Сиљановска -Давкова.

И додека останува на највисокиот судски орган во државата да ја оценува уставноста на законот во поглед на дискриминација,Сиљановска -Давкова со став дека градовите во кои на почеток ќе функционира проектот „Безбеден град“ се токму тие каде има најголема сообраќајна фреквенција и најголем број констатирани прекршоци.

 

Марина Стојанова-Тонева